По логиката на апсурдот кој ни е наметнат, а е еквивалент на догмата: “секогаш по линија на помал отпор”, апсолутно немав двоумење првиот блог да го посветам за состојбите помеѓу Македонија и Бугарија, како и кој тоа има интерес но и корист од сериозно навредливите тонови од двете страни на границата, кои во огромен дел, преку лажно толкување на варијации на митови и легенди за “вистината”, прво генерираат омраза а второ се опасен “расад” за и не толку историографски и фактографски поткованите “обични” граѓани на Македонија и Бугарија, кои пак се злоупотребени од балканската стигма на слепото верување, позната и како: “прочитав некаде па мора да е така”.
Полошо е и тоа што гласно на сите нас во последно време, ни “читаат” слепци.
Митовите пак самите по себе, отвораат можност за ефтино политичко профитерство, партиски поени кај “шефот” и малку “нервоза за несигурност” кај народот и се тоа врз грбот на граѓаните, и во Македонија и Бугарија, кај кои на крајот од денот, сериозна е опасноста нивниот меѓусебен индоктриниран гнев да биде и осуден од истите тие “потпалувачи на чувства на припадност”, па по бесконечен пат граѓанинот да стане оној виновниот, за проблемот кој прво не постои а второ за чие непостоење а сепак глорифицирање, несвесно придонел многу, ако не и се.
Блог – текстови на темата ќе имам повеќе.
Историски е фактот, дека политичарите никогаш не ја признаваат грешката, оти таа била и ќе остане резервирана [ само ] за граѓаните, кои ги бираат. И редовно и само народот си ја плаќа, на овој или оној начин но секогаш од сопствениот џеб.
И вака некако, би бил детерминиран воведот на блог – текст кој би требало да појасни, кој тоа има корист од лоши односи меѓу две соседни и независни држави, и тоа веќе во 23-тата година од 21-виот век т.е. вториот милениум од Христа.
Години, во кои дел од политичарите уживаат што дел од граѓаните веќе им се однесуваат “племенски”, исполнети со гнев кој е производ на активноста: “акција – реакција” а кој се конципира од партиските визби, па редовно мириса мувла.
Интерес има и тоа е факт, како што е и факт дека тој дефинитивно не е интерес на Македонија и Македонците.
И тој, како и се на Балканот, е личен, партиски и профитерски а најмногу [не] изненадува фактот што не е јасно и гласно кажан од гласноговорникот – гласноговорниците, кои ете ни “гатаат” каква тоа “голгота” не чека на патот до ЕУ ако “ортачиме” со Бугарија, поточно ако ги “задоволиме барањата”, за кои немиот гласноговорник ги нарекува почеток на распад на нацијата, иако ако се мисли на оние – истите од Договорот од 2О17 година тогаш можеби и треба да го прочита повторно.
Организацијата можеби, но не и нацијата.
И тука удираме во стативата со брзина на слободен пад. Примерно по конструкција Уставот на Македонија создаден пред 32 години, не конципира како независна и суверена држава на народи. И тој момент значајни, именувани и сеуште живи и не ретко на високи политички позиции, наши политичари, вешто скриени под велот на дипломатијата, генерирале факт дека ние во најмала рака сме “збирштина”.
Тоа самото по себе, уште во 1991 година, говореше дека тие народи т.е. заедници според концептот на Уставот, имаат свои права кои логично е дека со процентуалната застапеност на заедницата или етникумот, ќе се зголемуваат но не и намалуваат. Тој Устав низ 2О% едничка застапеност на еден народ, ги издигна високите права на пример на албанскиот етникум во Македонија, кој според Устав, се нарекува народ или националност.
И проблемот е кој тоа ги конципирал четирите претставници на националностите во Уставот, и зошто само четири?
Уставот пак во Преамбулата, генерира самиот по себе хипокиризија, но за тоа во блог – текст во кој ќе говориме за историјата.
Во 2О23 година, или 5.5 години по 1 август 2О17 година, по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија, на своите уставни јазици и писма од страна на Претседатели на влади, можеме да констарираме дека созреано е времето кое беше истакнато, и за практична примена на Договорот.
Тогаш премиерот на Бугарија, истакна:
Договорот можеше и да не се потпише.
Со години не беше потпишан, но се потпиша и е од исклучително значење. Не знам дали е првпат, но меѓу две држави без модератори и посредници, стигнавме до тоа дека дружбата и добрососедството е најважно од се.
Тоа ќе не направи силни, независни и значајни. Не залудно рекле ако гледаш назад ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа решивме да гледаме напред.
Убеден сум дека за десет години, резултатите ќе бидат видливи.
Настрана што ЕУ и САД го поздравија Договорот, стои и фактот дека истиот постоел и стоел како правна форма, но како и проблемот со Грција, никој немал политичко – профитабилен интерес да го потпише, а со тоа и реши проблемот, кој бил генериран затоа што Договорите и Спогодбите постојат со основна цел, решавање на проблеми, без разлика дали тие се од технички, административни, политички или историски значења.
Иако не смее да се заборави и на Декларацијата за добрососедство од 22 февруари 1999 година, која е потпишана на ниво на Претседатели на влади на Македонија и Бугарија, но не градирала кон решение на проблемите.
Некој смета дека Договорот ја отворил “Пандорината кутија”, но малкумина од гласните критичари на истиот имаат доблест да признаат дека ова не е бирање на помалото од двете зла, што е балкански менталитет на “победник”, како граѓаните гледаат само зло, без разлика на големината, па затоа сега започнале да бираат трајно решение.
Како имам за цел конечно, целосно и реално да ги прикажам фактите, во овој прв блог – текст, со цел да не испадне писание од 1О тома, факт е дека во 2О23 година Македонија ќе мора да го реши проблемот кој не постои, на начин кој сите го знаеме, и по кој сите ќе продолжиме со својот мирен живот.
Како граѓани на независни земји кои се соседи и кои не само што треба, ами мора да имаат квалитетен соживот, без разлика кој од која страна на границата се наоѓа, затоа што евроинтеграциите, како постулат ја имаат Европа “без”, а не “со” граници.
Историјата говори за поприлично заеднички елементи со онаа на “клетите” Бугари, и ако некој има волја да излезе од безбедната зона на поранешна СФРЈ, во која комунистичкото милје нежно не милуваше под велот на социјалистичко владеење, ние мора да прекинеме со патолошките омрази кон соседите.
Патем внук сум на човек кој го поставил првиот пограничен камен на Југославија по Втората светска војна во Чрни Кал, Словенија и безмалку ја исцртал граничната линија на СФРЈ, но фактите со актите не се мешаат. Затоа ве молам, без оние квачки за “превртување во гробови”, посебно на оние “големи” херои на НОБ кои ја поминаа и 9О-тата година живот, за сметка на моите, кои поживеале по некромни 2О – 3О години или загинале за идеалите за кои се бореле.
Ние патолошки мразиме. Факт. Низ 32 години независна Македонија, политичарите маестрално не искористиле, па прво со огромна доза страв ги мразевме Србите. Toa окупации, “Вардарска Бановина”, Милошевиќ, ЈНА, УДБА [ ОЗНА ] иако факт е дека не не есапеле како Македонци во првите 2 од три Југославии.
Потоа ги мразевме Албанците. Косово со кризата во 1999 година кога НАТО го гранатираше Белград, па 2ООО година со Косовската бегалска криза, и фото финишот од 2ОО1 година, кој почна како терористички напад на суверена земја а заврши како “демонстрации на борци за човекови права”. И тоа и не така далечно минато, денес веќе е стигматизирано и амнестирано.
Завршивме и со омразата кон Грција, од која бесрамно крадевме се и сешто. И тоа е факт. Исто како што е факт и дека преку ноќ од Старословени, православни верници станавме античка “лепота” и пагани.
Сега омразара е кон Бугарија. Зошто?
Бугарија прво не мораше да има никакви “посебни” односи со Македонија по 1991 година. Системот на промени беше скоро истовремен. Се променија општествените системи и на двете страни од границата, и ние кога се соочивме со “битка на борци за човекови права” во 2ОО1 година, Бугарија во истиот период, и не беше во зениот на својот економски развој.
Народно кажано, секој со својот “проблем” е Балканското мото, по она, кое често иако второ е прво, а гласи: “Да даде Бог да му умре козата на комшијата”. Само што ние немавме ни коза.
Бугарија, благодарение на квалитетните промени во политиката, што и поради фактот од постоењето на последниот Бугарски Цар Симеон II [ 1943 – 1946 ] и неговиот премиерски мандат, како Симеон Сакскобургготски [ 2OO1 – 2OO5 ], во 2ОО4 година станува членка на НАТО, а во 2ОО7 година, и рамноправна членка на Европската Унија.
Тоа е 19 години членство во НАТО алијансата пред Македонија или веќе 16-та година членка во Европската Унија, каде Македонија планира и сака да ги реализира европските интеграции.
Неколку факти за односот на Бугарија кон Македонија, во мугрите на независноста, е фактот што тоа е првата земја која ја признава независна и самостојна Република Македонија, на 15 јануари 1992 година. И истиот факт е разводнет со тезата дека, не веднаш ни испратиле и амбасадор, и извршиле парцијално признавање. Тоа околу јазикот и писмото, како и историјата, веќе ги отвораат картите на вистината но и за тоа во некој следен блог – текст.
Зошто Бугарија прва не призна како независна Република Македонија?
Искрено и без лицемерие, тоа го прави за заштита на стабилноста и иднината на новата суверена Македонија, колку и тоа на новопечените аналитичари и политичари, да им звучи смешно. Затоа што кој не ги одживеал годините на распад на СФРЈ, не може и да знае на што наликуваа 1О мрачни години [ 1991 – 2ОО1 ] кога Македонија доби признание на независноста, иако за тоа реално и не исполнуваше услов, бидејќи на територијата армискиот состав беше целосно под командна одговорност, на трета земја.
Имено на средбата во Лисабон, челниците на Европската Унија одлучуваа за признавање на некои од четирите поранешни југословенски републики кои прогласија независност: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија. Бугарија можеше, но не ја остави Македонија сама во оваа ситуација. Факт е дека на Германија и на Австрија им требаше само едно – рано признавање на Словенија и на Хрватска, поради историските врски.
За признавањето на независноста на Македонија никој и ништо не зборуваше. За Европа независна Македонија на чија територија има армија на непостоечка Југославија беше табу тема за која не се дебатира.
Од кого се криеше оваа? Зошто Босна и Херцеговина беше тема во својата мизерија а не Македонија, која нели, беше “Оаза на мирот”. Најверојатно од Милошевиќ, кој тогаш беше ликот на Србија нормално, затоа што сите го знаеме притисокот, кој најголема потврда доби во Референдумско изјаснување – формата на прашањето за независност на Македонија, со кое се остави отворена можност по независност, Македонија, сепак да влезе во новата федерална форма, наречена Сојузна Република Југославија, што самото по себе беше конфузно и во миг можеше да има кобен ефект.
И во период кога во Македоија сеуште имаше воено присуство на поранешната југословенска армија, под контрола на режимот на Милошевиќ. Во Грција се отвора силно незадоволство поради името, па Атина стави вето на признавањето на Македонија од страна на Европската заедница, Бугарија како важен регионален фактор, зазема став па и помага на Македонија.
Иако за волја на вистината, имаше фракции и во тогашната Влада во Софија, кои беа против, но фактите говорат дека признавањето е реализирано, пример, без тогашниот министер за надворешните работи кој бил на патување, а за кој гласал неговиот заменик.
А кои се фактите и за немањето изолација по признавањето на изгласаната независност на Република Македонија од страна на Бугарија?
Постоеше заедничка грижа за судбината на Македонија, на глобално ниво. Едно е сам да се процениш за независен и тоа да го имаш како став на граѓаните а сосема друго тоа да биде меѓународно признаено.
Беше видливо дека режимот на Милошевиќ е многу агресивен, и никој не можеше да гарантира дека тој нема да посака да предизвика крвопролевање. Постоеше заедничка грижа и за можна дипломатската изолација на Македонија, од страна на Грција. Суштински пак за Бугарија беше сфаќањето дека независна Македонија е многу подобар резултат и за Бугарија и за регионот, кој ќе ги реши долгогодишните конфликти на Балканот.
Бугарија, ја согледува јасната желба на македонските граѓани да изградат своја независна држава и тоа го почитува, а почитта ја манифестира со акт на признавање на волјата на граѓаните, на својот западен сосед. На тој начин, Бугарите испраќаат порака за пријателство до Македонците, дека се грижат за нас и дека не се рамнодушни кон нашата судбина како и дека на овој начин, конечно ќе се разурнат долгогодишните пропагандни клишеа, кои создаваа непријателство кон Бугарија и за време на кралска Југославија но и за време на Титова Југославија.
Започнуваше нова ера, во која Бугарија требаше да влезе со имиџ на земја која размислува за иднината, а не за минатото. Бугарско – грчките односи притоа да не заборавиме беа важен фактор, но на крајот беше донесена сопствена одлука без Бугарија да ја земе во предвид грчката позиција и можна реакција.
И таа одлука ја разбраа и другите членки на ЕУ и САД, и процесот за признавање на волјата на македонските граѓани, беше препознаена.
Факт е и дека одлучувачко за Бугарија беше мислењето на комисијата “Бадинтер”, поточно арбитражната комисија на Европската заедница, која требаше да даде свое мислење за тоа која од четирите поранешни југословенски републики треба да биде признаена. На чело на комисијата беше претседателот на францускиот Уставен суд, и поранешен министер за правда, Роберт Бадинтер кој претходно имаше врски со Бугарија, и ја советуваше оваа земја за нејзиниот нов Устав.
Со ова беше отворен патот да се постигне она, што толку искрено, го посакуваа и Бугарите, а тоа беше по децении вештачко отуѓување да им порачаат на Македонците: “Ние не сме ви непријатели!”
Сепак ништо не беше сплет на случајности. Што се однесува до Турција, ова беше договор кој беше однапред постигнат со Бугарија. За Бугарија, беше важно да не остане сама во ова признавање, како веќе беше јасно дека ЕУ има негативен став, поточно нема никаков став. Со турската страна признавањето беше договорено со тогашниот турски амбасадор во Софија, кој во министерството за надворешни работи барал Бугарија да ја признае Босна и Херцеговина. Беше возвратено но и побарано од Турција таа да ја признае Македонија.
Зошто постапката има временска пауза? Бидејќи тогашниот премиер Сулејман Демирел беше во посета на Белград, и никој не сакаше да го направи тој потег без него. Но Турција ја следеше Бугарија.
Кога станува збор за Русија, која и не била толки благонаклонета кон Македонија, факт е дека тоа се должи на личната одлука на претседателот Борис Елцин кој беше благодарен на претседателот на Бугарија, кој беше првиот шеф на држава кој за време на обидот за државен удар во Русија, 1991 година, му се јави и ја изрази својата поддршка. Елцин не го заборави тоа, и одговори на барањето наспроти мислењето на тогашниот негов министер за надворешни работи кој ценеше дека нема основ за постоење на било каква Македонија.
Од авион полетувајќи од Софија, со јасно негативен став кон признавањето на Македонија од половина владин кабинет во Москва, Елцин потпиша указ за признавање на Македонија, како независна држава.
И по сите овие историографски факти, кај македонска страна се уште постои став дека Бугарија е закана за идентитетот. Има неосновани обвинувања дека Бугарија не дозволуваме граѓаните на сега Северна Македонија, да се самоопределат како Македонци а нивниот јазик како македонски. Понекогаш тие се пренагласуваат, овие стравови и ја минимизираат добрата волја во Бугарија, која пак факт е дека со години постојано помага за зајакнување на македонската државност.
Само мал пример е кога во почетокот на 199О-тите Македонија беше во опасност да биде отсечена од светот, бидејќи имаше војна на север а Грција го затвори Солунското пристаниште на југ, па тогаш Бугарија го отвори пристаништето Бургас за Македонија, и во првите години од постоењето на државата, благодарение на Бугарија, Македонија имаше пристап до надворешниот свет.
Имаше секако и погрешни гестови на почетокот, кога Бугарија не направи ништо за изградба на инфраструктурата, економското и човечкото зближување за што сега ги бере горчливите плодови од овие грешки.
На човечко ниво, односите се добри. Секој Бугарин кој дошол во Северна Македонија и секој Македонец кој бил во Бугарија знае дека ќе биде добро пречекан. Но елитите, кои најчесто го имаат предзнакот “политички интерес”, често се врзуваат за старите ставови на непријателство, кои не дозволуваат односите меѓу двете независни држави да се движат во насока на зближување.
Во последните 32 години, поддршката на Бугарија, не беше ништо повеќе освен несебичен чин на пријателство и силна верба во заедничка европска и евроатлантска иднина. Секогаш кога Република Северна Македонија се соочува со сериозни проблеми, Бугарија е подготвена да помогне без оглед на сопствените предизвици.
Говорот за пријателство не е говор за асимилација. И тоа е факт. Бугарите во раните 9О’ти, ги гледаа политичките промени во новопризнаената држава како можност, за надминување на вештачките поделби наметнати врз граѓаните, од двете страни на границата.
Долгоочекуваниот пад на “ѕидот” меѓу Македонија и Бугарија, сепак се покажа како долг и болен процес. Неговото целосно уништување се уште бара силна политичка волја и храброст за искоренување на негативните перцепции и стереотипи.
Факт за искрените намери е и што на 3O јануари 2О19 година, Бугарија прва го одобри влезот на Македонија за полноправна членка на НАТО. И тоа колку и некој да сака, не може да го оспори затоа што истиот ден, Министерскиот совет за надворешни работи ополномошти своја делегација, која во наредните денови го потпиша Протоколот во Брисел за прием на Македонија во НАТО.
2О23 година и гневот кон Бугарија никогаш не бил поголем. На кого помагаат или користат лошите односи со Бугарија на патот кон Европската Унија? Искрено и човечки гледано, на никого. Но низ призмата на партизираната политика, интерес имаат само оние кои имат што да изгубат, а губат само оние кои работеле со “фалш” митови, а не факти.
СФРЈ и Тито се минато. Милоста на Југославија и не била “розова”. Социјализмот, сепак имал комунистички примеси. Терацо материјалот, кој сите го имавме во своите домови како задолжителен, ако не сте знаеле се “произведуваше” на Голи Оток, а нашите домаќини го купуваа од продавници за градежен материјал.
Прашање на апсурдност на денот е колку тогаш им била платата на политичките затвореници?!
СДСМ како партија на власт има интерес за го затвори процесот за ЕУ интеграции на Македонија. Евро интеграциите се пак есенцијалниот интерес на Албанците во Македонија, затоа што пазарот, особено на труд по основ на иселеници, нив најмалку им е Балканот. ВМРО – ДПМНЕ има нејасен став кој зависи од тоа кого прашувате. Официјално се за ЕУ каде сестринските партии на ЕПП се на власт но имаат огромни разлики во сопствените редови по прашањето на односите со Бугарија.
Факт е дека Северна Македонија час поскоро ќе мора да донесе одлука.
Откако огромен број граѓани на нашата држава се самоопределија како Бугари, без разлика на мотивот, условите за влез во Уставот не треба да се тема да дискусија. Факт е дека поимот “државјанство” е збир на определени овластувања и задолженија кои се воспоставуваат помеѓу државата и оние поединци што се припадници на определена државна.
Имањето на државјанство е “двосмерна улица” во обврските и привилегиите.
Останатото, како работата и активностите на Македонско – Бугарска комисија за историски и образовни прашања, е стручна работа. Реално таа има потреба од ангажмање и на странски историски центри, затоа што компетентноста не е спорна, но сепак сме Балкан.
Иако и за тоа фактите се јасни и ги знаеме.
Како што е фактот дека на 7 декември 2О22 година за прв пат Македонија и Бугарија [ во Скопје ] од страна на министрите за надворешни работи на двете земји заеднички ја одбележаа и празнуваа дејноста на Свети Климент Охридски еден од најпознатите ученици на светите браќа Свети Кирил и Методиј и ниту еден Македонец или Бугарин не се почувствува национално навреден или предаден.
Заедничките сегменти од историјата, која пак како и вистината е една за сите, не треба да не плашат, ами обединат, посилно од било кога. Фамозниот приказ дека ЕУ е таму далеку во Брисел е само парцијално точен.
ЕУ за нас се Бугарија и Грција и сосема е нелогично до ниво на апсурд да посакуваме да сме дел од Европското семејство без да имаме пристојни односи со соседите кои веќе се таму дотолку повеќе што со еден од нив делиме и многу повеќе од гранична линија.